Дојран (друго име ПолинПоленинПолјанин

, варијанти ДорјанДогрјан, гр. Δοϊράνη, Дојрани) е историски град во југоисточниот дел на Република Македонија на брегот на Дојранското Езеро, којшто бил разурнат во Првата светска војна кога броел дури 18 000 жители. Денес името Дојран го носаат три населби разместени околу Дојранското Езеро :

  • градот Стар Дојран (800 жители), центар на Општина Дојран во Република Македонија на местото на стариот град,
  • градот Нов Дојран (1200 жители) во Република Македонија на 5 километри на север од стариот град,
  • селото Дојран (Δοϊράνη) (183 жители) во Егејска Македонија на јужниот брег на Дојранското Езеро на местото на старата Дојранска железничка станица

Географски опис и население

 

Дојран зафаќа површина од 132 км2  и се наоѓа во јужниот дел од Република Македонија, покрај македонско - грчката граница. Општината се наоѓа на бреговите на Дојранското Езеро, преку кое од источната страна општината се граничи со Република Грција, сместена меѓу планините Беласица (1883 метри) од север, планината Круша (860 м.н.в. Р. Грција) од исток и Карабалија (697 м.) од запад. Пречникот на езерото изнесува 9 км во должина и 7 км во ширина. Езерото е на 148 метри, а брегот од западната страна е на 160 - 250 метри. Дојран е оддалечен од Скопје 166 км, од Гевгелија 38 км, од Струмица 45 км, од Солун во Република Грција 81 км. Најблискиот аеродром е солунскиот оддалечен 100 км, додека од скопскиот аеродром оддалеченоста е 141 км. Најблиско пристаниште е Солунското пристаниште во Грција, кое е одалечено 81 км. Оддалеченоста од најблиска железница изнесува 38 км и се наоѓа во Гевгелија.  Подрачјето на ЕЛС Дојран е претежно ритчесто. На западниот брег од езерото се наоѓа височината Калатепе со надморска височина од 691 метар. На северозападниот дел благо се издигнува Асанлиско поле, кое преку с. Николиќ се прелева во плодна котлина. На северозапад над Асанлиско поле се издигнува ридот Боска со надморска височина од 720 м, на исток се падините на Круша планина, кои многу благо се спуштаат кон езерото при што се создаваат мошне плодни површини. Најнискиот брег е на југ, кај населбата Кара-Дојран во соседна Република Грција. Територијата на ЕЛС Дојран поради отвореноста на долината кон југ  се наоѓа под климатските влијанија од Солунскиот залив, кои доаѓаат по долината на реката Вардар и каналот Ѓолај. Генерално климата се карактеризира со топли и суви лета изразени со високи температури и благи и влажни зими. Дневна температура со над 26 ° Ц во дојранското подрачје се среќава над 120 денови во годината. Просечно годишно траење на сончевото зрачење изнесува 2440 часа. Средна годишна температура е 14,2° С Најстуден месец е јануари, со средна просечна температура од 3,6° С додека најтопол месец е јули, со 24,7° Ц, средна просечна температура од 24,7°Ц. Просечната годишна температура на водата во Дојранското Езеро изнесува 15,8° С и е слична со температурата на воздухот. Водата има најниска просечна температура во јануари и февруари, кога најчесто замрзнува крајбрежјето, а во 2002 година целото езеро. Водата е најтопла во јули и август со просечна температура од 24,4 °Ц. Ова подрачје се карактеризира со количества врнежи условени од медитеранското климатско влијание и тоа најмногу во ноември, 88 мм, а најмалку во јули, 33,5 мм. Просечна годишна количина на врнежите изнесува 682 мм, која отпаѓа на просечно 77 врнежливи денови или во просек 8,8 мм по врнежлив ден. Најголемите годишни врнежи се забележани во периодот 1954 – 1957 и 1979 – 1982, а како најсушен период од 1988 – 1994 година и 1996 -2002 година. Хидрографијата на Општина Дојран претежно ја сочинува Дојранското Езеро, помали извори и потоци како и помали вештачки акумулации. Поголем дел од потоците имаат сливно подрачје во Дојранското Езеро а околу 1/3 (Западниот дел на планината Карабалија) преку реката Луда Мара во реката Вардар. Во последните 3-4 години значително е збогатена хидрографијата на Дојран со изградбата на каналот Ѓавото-Дојран за доведување на дополнителни количини на вода во Дојранското Езеро. Најголем воден ресурс и основен двигател на сите активности во општината е Дојранското Езеро. Тоа е лоцирано, на границата помеѓу Р. Грција и Р. Македонија. ЕЛС Дојран според бројот на жители спаѓа во најмалите општини во Република Македонија. Согласно податоците од извршениот попис на населението во 2002 година во ЕЛС Дојран живеат 3426 жители или само 0,17% проценти од вкупното население во Република Македонија. Во Стар и Нов Дојран кои претставуваат урбан центар на општината живеат вкупно 1778 жители или 51,9% од жителите на целата општина. Густината на населеност изнесува 26.6 жители/ км2.  Половата структура на населението во општина Дојран според Пописот во 2002 година е следната: од 3.426 жители, 1.728 жители се од машкиот пол или процентуално 50,4%, а 1698 жители се од женскиот пол или 49,6%.  Општината ја сочинуваат 13 населени места со вкупно 3426 жители и тоа: Дурутли-16 жители, Ѓопчели-155 жители, Куртамзали -121 жители, Николиќ-541 жители, Нов Дојран-1100 жители, Органџали-21 жители, Севендекли-3 жители, Сретеново- Стар Дојран -678 жители, Фурка-570 жители, Црничани -221 жители, Чаушли-/ и Џумабос-1 жител, од кои 1 ненаселено. Најголема важност за ЕЛС Дојран имаат населбата Стар Дојран како централно место и главен туристички локалитет и населбата Нов Дојран, како најголема населба на брегот и рибарско место.

 

Геолошки карактеристики

    Дојранското Езеро и поширокото подрачје лоцирани се во граничните делови на две крупни геотектонски единици, т.е. на границата меѓу српско - македонскиот масив на исток и вардарската зона на запад. Терените на овој регион се изградени од прекамбриски, палеозоиски, мезозоиски горно еогенски и неогенски квартени.


Хидрогеолошки карактеристики

   Хидрогеолошките карактеристики на сливното подрачје на Дојранското Езеро се од големо значење за хидролошкиот режим, бидејќи голем дел од водите што дотекуваат и истекуваат од езерото се одвива преку подземен пат. Од досегашните хидрогеолошки истражувања вршени во дојранското подрачје и пошироко, беше изготвено хидрогеолошко толкување и хидрогеолошка карта. Од хидрогеолошкото картирање на РМ, се заснива на литолошко-тектонскиот склоп на теренот, структурата на порозност и филтрациони својства на карпите. Со оглед на критериуми на дојранскиот регион, издвоени се два основни вида на хидролошки средини:

 

  • Водопропусни кои се поделени во три групи: неврзани квартални седименти, цврсти зелени и слични карпи и карбонатни карпи и
  • Водонепропусни карпи најраспорстранети се: делувијален нанос, беласички гранити, серицит- хлоритските шкрилци, еоценски конгломерати и други.

    Од аспект на хидрогеолошките и техноекономските вредности на дојранскиот регион издвоени се 4 вида на аквифери од практично и тематско значење, а тие се: аквифери во езерски седименти, аквифери во пролувијалните седименти, аквифери во мермерите и зона на геотермални води. 

КОНТАКТИРАЈТЕ НЕ

ПРИЕМНИ ДЕНОВИ

Е-ИНФОРМАТОР